До крајот на Втората светска војна Радожда била од типот на мала селска населба со куќите збиени на куп во подножјето на варовничкиот одсек, меѓутоа во поново време населбата е изградена крај самиот брег на Охридското Езеро во правец север-југ, во должина од 1000 метри, на тој начин здобивајќи се со низински тип и доста модерни и големи куќи.
Називите на потезите во рамки на селскиот атар се следните: Ќафа Сан, Завој, Лаз, Преслоп, Истоци, Босештина, Нојница, Млака,Шиклица, Кошјо, Дуко-рид, Мал лаз, Љогумно, Локов, Локоска краста, Кајмакчалан, Евли, Горна и Долна Поповница, Лештев, Брегој, Тумба, Тудерен, Осој, Јабланово, Пештев, Аралица, Селиште, Богоројца, Краста, Пескојна, Горно и Долно Ливадиште, Елен Камен
Пред воспоставувањето на државната граница, постоеле многу живи врски помеѓу жителите на Радожда и соседните села Лин и Рајца, кои денес се наоѓаат во рамките на Албанија. До крајот на Првата светска војна во 1918 година, жителите на Радожда одржувале тесни стопанско-економски и општествени врски, меѓу кои чести биле и брачните врски, но по воспоставувањето на границата селото Лин станало мешано христијанско-муслиманско. Слични врски биле одржувани и со селото Рајца, со кои се склопувале т.н. шишани кумства, се разменувале производи и сл. За време на Втората светска војна за време на италијанско-албанската окупација, Радожда на неколкупати била ограбувана од албанците наречени „балисти“ од селото Чезме, кое се наоѓа на соседната планина Мокра, чиј пат кон Струга водел низ Радожда каде што убиле 4 мажи, отерале жива стока и ограбиле покуќнина, накит, пари.