Народна Радошка Носија
Народна Радошка Носија
Селото Радожда е доста старо, со постојано постоење од околу X века. Со сигурност се знае дека постоело во средновековниот период, каде што од пишуваните извори како Душановата повелба од 1342-1345 година кога било подарено на црквата Пресвета Богородица Перивлепта во Охрид, се споменува под името Радобужда. Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа. Селото било формирано во планинските ливади на околу еден километар на запад. Но близината на езерото како важен извор на храна ги натерало селаните да се преселат во приобалата и тука да ја формираат новата населба. Како најстари семејства се Шеќероски, Солакоски, Пејоски, Скрчески, Кутаноски. Во селото постои зачувано предание дека во минатото кога насила биле преобратени во ислам православните Македонци во соседното село Рајца (денес во Албанија), обидите тоа да се стори и во Радожда останале неуспешни, бидејќи некои жени се самоубивале скокајќи од високиот карпест отсек западно од селото со цел само да не се потурчат.
Пред воспоставувањето на државната граница, постоеле многу живи врски помеѓу жителите на Радожда и соседните села Лин и Рајца, кои денес се наоѓаат во рамките на Албанија. До крајот на Првата светска војна во 1918 година, жителите на Радожда одржувале тесни стопанско-економски и општествени врски, меѓу кои чести биле и брачните врски, но по воспоставувањето на границата селото Лин станало мешано христијанско-муслиманско. Слични врски биле одржувани и со селото Рајца, со кои се склопувале т.н. шишани кумства, се разменувале производи и сл.
За време на Втората светска војна за време на италијанско-албанската окупација, Радожда на неколкупати била ограбувана од албанците наречени „балисти“ од селото Чезме, кое се наоѓа на соседната планина Мокра, чиј пат кон Струга водел низ Радожда каде што убиле 4 мажи, отерале жива стока и ограбиле покуќнина, накит, пари.