Сликано од Црквата Св. Арангел
Сликано од Црквата Св. Арангел
Радожда се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро, крај македонско-албанската граница. Сместено е во југозападниот дел на Општина Струга, чиј атар се доира до државната гранична линија и брегот на Охридското Езеро. Радожда е сместено во подножјето на карпест гребен кој се спушта од планината Јабланица. Селото е рамничарско и расположено на надморска височина од 700 до 725 метри. Од градот Струга е оддалечено 11 километри во јужен правец и на два километри од границата со Албанија. Атарот зафаќа површина од 7,9 км2, од кои шумите зафаќаат 505 хектари, пасиштата 185 хектари и обработливото земјиште само 59 хектари. Иако нема одговарачки природни услови, селото има варошки налик, односно изглед на мало гратче. До крајот на Втората светска војна Радожда била од типот на мала селска населба со куќите збиени на куп во подножјето на варовничкиот одсек, меѓутоа во поново време населбата е изградена крај самиот брег на Охридското Езеро во правец север-југ, во должина од 1000 метри, на тој начин здобивајќи се со низински тип и доста модерни и големи куќи. Називите на потезите во рамки на селскиот атар се следните: Ќафа Сан, Завој, Лаз, Преслоп, Истоци, Босештина, Нојница, Млака,Шиклица, Кошјо, Дуко-рид, Мал лаз, Љогумно, Локов, Локоска краста, Кајмакчалан, Евли, Горна и Долна Поповница, Лештев, Брегој, Тумба, Тудерен, Осој, Јабланово, Пештев, Аралица, Селиште, Богоројца, Краста, Пескојна, Горно и Долно Ливадиште, Елен Камен (или Еленско).